Нова дипломатска акција за името, Хојт Ји на средба со Мицотакис во Атина

Заменикот американски помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија Хојт Ји во Атина се сретнал со претседателот на партијата „Неа Демократија“ Киријакос Мицотакис.



Според официјални партиски извори во НД на состанокот присуствувал и американскиот амбасадор во Атина Џофри Рос Пјат а во разговорите во детали биле разменети ставови за последниот развој на настаните во Западниот Балкан и била потенцирана потребата за обезбедување на мир и стабилност во регионот.

Лидерот на Нова Демократија Мицотакис на американскиот дипломат му порачал дека од особена важност е да се обезбеди европска перспектива на регионот а притоа да се обезбеди почитување на меѓународните стандарди од сите земји.

На средбата според НД биле разгледани и можностите за соработка во регионот во енергетскиот сектор а Мицотакис го брифирал Ји за актуелната политичка ситуација во Грција во која неговата партија има предност од најмалку 11 % пред владеачката СИРИЗА на премиерот Ципрас и речиси сигурно ќе ја формира идната влада.

Темите за „стабилноста во регионот и почитување на меѓународните стандарди“ споменати од НД во официјалното соопштение за набњудувачите јасно укажуваат дека голем дел од средбата била посветена на спорот за името. Неофицијално според грчките политички коментатори и аналитичари на средбата американските претставници вршеле притисок врз Мицотакис да се согласи со приемот на Македонија во НАТО под референцата ФИРОМ.

Дел од нив тврдат дека од Мицотакис, кој е син на поранешниот премиер Контантинос Мицотакис и брат на министерката за надворешни работи Дора Бакојани важи за поумерен од предходните лидери на грчката десница, се барало и проблемот со името да не биде дел од  дневно – политичките препукувања меѓу двете најголеми грчки партии.

Предходно грчките медиуми јавија за обид на американскиот амбасадор во Атина да влијае на промена на ставовите на екс премиерот Караманлис кој што беше главен творец на грчкото вето во Букурешт во 2008 година. читај тука