Шпекулација е тоа дека само најмногу до двајца ќе можат да седат на иста маса доколку не се од исто семејство, изјави министерот за економија Крешник Бектеши, коментирајќи ги мерките и препораките do угостителите пред утрешното повторно започнување со работа.
Претходно од Aсоцијацијата на угостителите реагираа дека нелогично е на една маса можат да седат само двајца ако не се од исто семејство, а четворица би можеле да седат само ако се од исто семејство и практично тоа за нив ќе значи бркање на гостите.
„А и како да знаете дали гостите што ќе дојдат се членови на семејство или не. Не можете да ги легитимирате, а постојат и Закон за семејство, различни презимиња, како и вонбрачни заедници. Значи, сè повторно ќе се сведе на нивните лични кажувања“, рече Мартин Ангеловски од Асоцијацијата на угостители претходно за „Фактор“.






