Делегации на Македонија и на Бугарија денеска, во базиликата Сан Клементе во Рим, положија цвеќе на гробот на Св. Кирил, по повод Денот на сесловенските просветители.

Делегациите ги предводеа вршителите на работи во амбасадите на Македонија при Светиот Престол и Република Италија, Александар Спирковски и Магдалена Димова, како и амбасадорите Богдан Паташев и Тодор Стојанов од бугарска страна.
Шефовите на делегациите одржаа кратки пригодни говори, при што беше истакнато одбележувањето на 1151-вата годишнина од смртта на Св. Кирил во Рим, неговиот историјат, значењето на светите браќа просветители за целокупната словенска писменост, но и за историјата и доближувањето на македонскиот и бугарскиот народ, како и основата што ја создаваат за градење на добрососедските односи и во иднина.
Од страна на македонската делегација на гробот на Св. Кирил беше положен венец во име на претседателот Стево Пендаровски, како покровител на годинешната манифестација – Денот на Св. Кирил во Рим, а сите присутни дадоа пригодна почест и на олтарот во базиликата, каде денес е положен фрагмент од моштите на Св. Кирил.






