Советот за македонски јазик за изданието на БАН: Најобичен памфлет

Владиниот Совет за македонски јазик го оцени како „најобичен памфлет од низок стил“ најновото издание на Бугарската академија на науките (БАН) насловено „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“.



„Нашата заедничка реакција е содржана во едноставната реченица: Македонците секогаш зборувале и ќе зборуваат на македонски јазик! За жал, овој материјал покажува едно неевропско однесување во 21 век, време кога народите во ЕУ и надвор од неа се сплотуваат и се трудат да ги релаксираат сите белези од минатото што можат да предизвикаат непријатни чувства“, се вели во реакцијата на Советот потпишана од неговиот претседател Људмил Спасов.

„Постоењето на македонскиот јазик со свој посебен дијалектен систем и со своја историја е апсолвирано прашање во светски рамки уште одамна и секој став што го негира овој непобитен факт го сметаме за свесна провокација. Неочекувано и неприфатливо е ваква реакција да дојде од страна на една академско-научна институција од држава-членка на Европската унија. Познато е дека се одржани многу конференции посветени на македонскиот јазик, литература, историја и култура, на кои присуствувале еминентни професори и научници од целиот свет, чии истражувања не соодветствуваат на ставовите на Бугарската академија на науките“, се додава во реакцијата.