Нема договор за датумот за изборите на средбата на која што денеска учествуваа лидерите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, на Движење Беса Билал Касами, техничкиот премиер Оливер Спасовски и спикерот на Собранието, Талат Џафери.
Решение за најновата политичка криза ќе се бара идната недела кога ќе има уште една лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски.
Дел од учесниците потврдија дека не бил постигнат договор за нов датум за парламентарни избори иако имало повеќе предлози за одредување датум.
На средбата било договорено да бидат побарани дополнителни информации од институции како Комисијата за заразни болести, од Државната изборна комисија (ДИК).
Било поставено и прашањето дали и кога во земјата ќе можат да допатуваат претставниците на ОБСЕ/ОДИХР кои треба да вршат изборен мониторинг.






