По лидерот на СДСМ Заев и техничкиот премиер Оливер Спасовски смета дека избори треба да се одржат летово, заради најавите дека во септември повторно може да има криза предизвикана од втор бран епидемија од корона вирус.
– Јас не знам дали е идеално време во јуни да се одржат изборите, но мислам дека најавите дека може да се врати уште еднаш оваа криза, по септември, мислам дека е неопходно да се одржат што е можно побрзо парламентарните избори имајќи предвид дека на државата и се потребни функционални институции коишто ќе можат да носат одлуки за сите прашања од интерес на граѓаните – рече Спасовски на одбележувањето на Денот на Европа
Сепак, нагласува Спасовски, тоа ќе биде детерминирано и од развојот на здравствената криза.
– Очекувам дека ефектите од сите мерки, кои досега ги преземавме, се добри и дека ќе дадат уште подобри резултати и дека ќе се создадат услови за да можеме да одиме на Парламентарни избори. Дали тоа ќе биде јуни, дали ќе биде почетокот на јули, како и да е, ќе се донесе одлука врз основа на тие стручни анализи -додаде Спасовски.
За евентуално отворање на границите Спасовски вели дека тоа ќе зависи од околните земји, но од ситуацијата со епидемијата кај нас.
– Ние имаме план во однос на сите активности коишто ни се случуваат, односно сите работи кои треба да ги преземеме како мерки во наредниот период. Едно од тие прашања, е секако отворањето на границите. Тоа, нема да зависи само од нашата земја, туку ќе зависи од сите земји во регионот. Сè уште мислам дека треба да останеме тука и да не дозволуваме влез во Република Северна Македонија, сè додека не се покаже и низ бројки и во државите во регионот, и внатре кај нас дека имаме намалување на епидемијата во рамки во кои можеме да дозволиме отворање на границите и слободно движење на граѓаните – вели Спасовски.





