Поранешниот македонски министер за странски инвестиции Веле Самак смета дека Македонија може да се одбрани од условувањата од Бугарија со користење на своето членство во НАТО, но под еден услов.



„Сложените меѓу-ЕУ преговори ќе продолжат некое време. Проширувањето ќе биде само уште еден чип за договарање. Бугарскиот и другите притисоци врз Македонија ќе продолжат сè додека Македонците не ја употребат својата моќ во рамките на НАТО. За такво нешто ни се потребни политичари со мад.ња“, објави Самак на Твитер.

Твитот на ексминистерот е реакција на цитирањето од политичкиот аналитичар и бивш амбасадор Арсим Зеколи на веста на хрватската новинска агенција ХИНА за виртуелниот самит „ЕУ – Западен Балкан“: „Нема ништо во текстот за проширувањето и неколку официјални претставници на ЕУ изјавија дека проширувањето на конференцијата не е тема, туку пакет-помошта од ЕУ. Некои земји се прилично скептични за натамошно проширување, како што се Данска, Холандија, Шведска, Франција и до одреден степен Германија“.