Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев ја нарече Обединетата македонска дијаспора (ОМД) „антибугарска организација“, реагирајќи на видеото објавено на Јутјуб од нејзиниот активист Марио Христовски со наслов „Википедија воини: Новите линии на фронтот во битката за Македонија“ (поместено најдолу).



„Погледајте го ова!
Водич за пропагандна војна против вистината од таканаречената ‘Обединета македонска дијаспора’, антибугарска организација во САД и Канада, антипод на ‘Македонската патриотска организација – МПО’ – прва и најстара организација на македонските Бугари – емигранти во САД и Канада!“, прокоментира Ковачев на Фејсбук.

„Бугарски пратеник само што се обиде да ме дискредитира. Мило ми е што гледам дека Бугарите ги праќаат своите најдобри за да ме нападнат мене – 25-годишник со љубов кон својот народ. Ќе ме сонувате, Бугари! Не знаете што ве чека од мене – македонски патриот!“, реплицира родениот битолчанец Христовски, кој живее во Синсинати и на Јутјуб објавува видеа за македонската историја.

На нападот од Ковачев возврати и ОМД.

„Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) ги осудува потценувачките изјави на Андреј Ковачев, пратеник во Европскиот Парламент од Бугарија во врска со постоењето на македонскиот јазик и активностите на ОМД во македонската дијаспора. Однесувањето на г-динот Ковачев е непристојно за активен член на Европскиот Парламент и покажува јасна ксенофобија и расизам. Г-динот Ковачев јавно го истакнува не само недостигот од европски вредности, туку и немањето на основни човечки вредности: разбирање за другиот, прифаќање на разлики и почит за човечкото достоинство. Го повикуваме Европскиот Парламент официјално да го опомени и да им стави крај на напорите на бугарската држава за негирање на македонскиот народ и македонскиот јазик. Македонците и македонскиот јазик постоеле, постојат и ќе постојат. Негирање на овие факти е одлика на фашизам – идеологија што го оправдува отстранувањето на другиот и што одредува што е правдина со пушки и насилство. Во демократските општества, секој глас е важен, не само оној на насилникот кој ужива во мачење на беспомошниот“, соопшти најголемата организација на македонските иселеници во САД.