Европската унија не ја ни спомнува Македонија, дури ни како „Северна“, но токму на неа мисли кога бара почитување на Преспански договор со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, како и решавање на билатералните спорови „чијшто корен лежи во наследството од минатото“ (читај: историјата, јазикот, малцинството во Бугарија) во согласност со меѓународното право.



„ЕУ потполно го поддржува залагањето на партнерите од Западниот Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнувањето на добрососедските односи, вклучително и со државите-членки на ЕУ. Во тој поглед, и понатаму е важно билатералните договори да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати, вклучително Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Понатамошни и одлучни напори треба да се посветат на помирувањето и регионалната стабилност, како и на пронаоѓањето и спроведувањето, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи — вклучително и со Спогодбата за прашањата за сукцесија — на конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и проблеми меѓу партнерите чијшто корен лежи во наследството од минатото. Го поздравуваме неодамнешното назначување на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања во Западниот Балкан“, се вели во точката 9 од Декларацијата од вчерашниот видеоконференциски самит „ЕУ – Западен Балкан“.

Истото тоа меѓународно право за кое зборува, Унијата го игнорира(ше) во однос на пресудата од Меѓународниот суд во Хаг од 2011 година, според која Грција ја (пре)крши Привремената спогодба од 1995 година со ветото за евроатлантската интеграција на Македонија додека не си го смени името.