Споменувањето на парламентот како институција која што единствена може да го парафира договорот и изјавата дека ако не биде потпишан не е крај на светот, за Софија се знаци дека македонскиот премиер подготувува терен за повлекување ако договорот со Софија му донесе повеќе политичка штета отколку поени во македонската јавност.
Ова се првичните неофицијални реакции од добро упатени извори во процесот на преговори меѓу двете држави во Бугарија каде со внимание се следеше денешната јавна седница на Комисијата за надворешна политика во Собранието.
И покрај тоа што во Софија се задоволни што Заев за прв пат во Македонија јавно укажал дека како и другите европски држави и Македонија и Бугарија се подготвени да слават заедничка историја, сепак дел од неговите изјави укажуваат дека тој остава простор за неуспех на интензивните преговори меѓу двете влади во последниве 30 дена.
На бугарската страна и е јасно дека уставно само Собранието има надлежност да ратификува меѓународни договори но тезата дека никој не може како поединец да одлучи за договор со соседна држава дури и ако е тоа премиер кој што има мнозинство во Собранието укажува дека не е се завршено.
Во врска со барањата на ВМРО – ДПМНЕ да се вметнат 5 точки кои што сега не се дел од договорот бугарските извори велат дека со договорот не може да се утврдува постоење на некоја нација, јазик или малцинства туку да се воспостават рамки за полесна комуникација меѓу две блиски држави.





