Во руската државна Дума е поднесен закон со кој се бара да се забрани емитување на реклами на телевизија и радио во недела од шест часот наутро до полноќ, јавуваат медиумите од Москва. Во образложението се наведува дека последниот ден од седмицата е ден кога луѓето треба да се одморат, да следат филмови и емисии, а при тоа да не бидат прекинувани од агресивните кампањи.
“Сите тие реклами ги потсетуваат луѓето на проблемите и се болест со која човештвото се соочува, и само иритираат”, вели пратеникот и член на партијата ЛДПР, Игор Лебедев, еден од авторите на законот.
Еден од аргументите за укинување на рекламирањето во недела е дека децата во тој ден гледаат телевизија далеку повеќе од работните денови.
“За време на викендите децата вклучуваат телевизија и радио веднаш штом ќе се разбудат. Како што е веќе познато свеста на децата се формира додека се мали, токму затоа најмладите се најмногу изложени на влијанието на рекламите кои не се секогаш позитивни “, се вели во предложениот текст.
Авторите на законот, исто така, се повикуваат на истражувањата спроведени неодамна во Русија, во кои се наведува дека повеќе од 80 отсто од граѓаните на Руската Федерација веруваат дека рекламите на телевизија им одземаат премногу време, пренесува Спутник.





