Заедничка или споделена историја – нов камен на сопнување со Бугарија

Шефот на бугарскиот дел од мешовитата комисија со Македонија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров, откри дека нов камен на сопнување со македонските колеги е нивното инсистирање за формулацијата „споделена“ историја наместо „заедничка“.



„Пречките за работата на заедничката комисија се неколку – една од нив во основа е нетрпеливоста на нашите колеги кон терминот ‘заедничка историја’, кој стои во самиот Договор за пријателство и добрососедство. На тој начин тие сакаат да го ревидираат самиот договор, да го заменат со ‘споделена историја’. Споделена историја може да имаме само со денешна Република Северна Македонија, но не и на историски план“, изјави тој во интервју за Бугарското национално радио (БНР).

Димитров нагласува дека работата на комисијата е „еднострано и безусловно“ прекината од колегите од Македонија, кои веќе четири месеца не одговориле на испратениот протокол од нив за последната средба.

„Не се разгледани нашите белешки за нивните учебници“, вели тој.

„Во предизборната атмосфера Бугарија задолжително застанува во центарот на вниманието на јавноста“, забележува уште бугарскиот историчар и амбасадор во Македонија од 1994 до 2001 година.