Со коронавирусот ќе живееме уште две години, сметаат експерти од САД

Пандемијата од коронавирус ќе трае уште најмалку две години и нема да биде ставена под контрола додека барем две третини од светската популација не стекне имунитет, заклучија група експерти од САД.



Со оглед на способноста да се шири од луѓе што не покажуваат симптоми, вирусот ќе биде потежок да се исконтролира отколку грипот, причина за повеќето епидемии во понивата историја, се вели во извештајот на Центарот за проучување заразни болести при Универзитетот во Минесота.

Луѓето се најзаразни пред да се појават симптомите на болеста, а владите треба да бидат подготвени за нови бранови на заразата до 2022 година, се додава.

Првите ограничени количества вакцини би можеле да се појават до крајот на годинава, очекуваат стручњаците, потсетувајќи на пандемијата од грип во 2009/2010, кога станале достапни дури откога доживеала врв во САД. Сепак, тие спречиле најмалку 1,5 милиони луѓе да заболат и превенирале 500 смртни случаи само во САД.