Гостинското реми од Шведска носи мала предност, но ништо не гарантира и се, во дуелот од првото квалификациско коло во Лигата на фудбалските шампиони ќе се решава во денешниот реванш во Струмица. Вардар го дочеува Малме со 1-1, со гол на гости и со силна амбиција конечно да го види следниот круг во натпреварот на најдобрите на континентот. Тренерот Гоце Седловски вели дека реваншот (18 часот) ќе биде сосема поинаков од првиот двобој.



“Верувам дека фудбалерите може максимално да одговорат и на овој предизвик и да стигнат до резултат кој ќе не однесе во следното коло”, порача тренерот кој трета сезона ги води црвено црните низ евроопските натпревари, но се уште нема триумф.

Денеска за Вардар и реми без голови би бил рамен на победа, зошто 0-0 ни обезбдуваат пласман во третата рунда и двомеч со Копенхаген. Но тоа сега и од оваа позиција е само далечна иднина и се е фокусирано на Малме.

Вардар не би требало да трпи големи промени во составот што пред шест дена играше на Сведбанк арена со тоа што Велковски и Џигаури се отсутни. Мечот Вардар-Малме започнува во 18 часот, го суди Украинецот Жапченко, а стадионот Младост според најавите треба да биде преполн.