Панчев: Ако опстанеше, Југославија ќе освоеше барем две титули за една деценија

Ако не се распаднеше државата, фудбалската репрезентација на Југославија ќе освоеше најмалку два големи меѓународни трофеја, уверен е еден од најдобрите македонски фудбалери во историјата Дарко Панчев.



„На Светското првенство во Италија во 1990 година завршивме на петтото место и тоа беше извонреден пласман. Но, можеби со малку среќа, можевме да стигнеме не само до полуфиналето, туку и во финалето. За голема жал, надворешните сили, помогнати од одредени елементи во Југославија, ја уништија државата, бидејќи мислам дека таа беше пред својот најплоден фудбалски период. На пат беше добра генерација и јас сум сигурен дека за една деценија можевме да освоиме барем два големи меѓународни трофеја. Со оглед на генерацијата што ја имавме и која требаше да доминира во светскиот фудбал, жално е што Југославија беше уништена“, изјави Панчев за „Гол“ на француски јазик.

„Југославија беше најдобра во квалификациите за Европското првенство 1992 и прва се квалификува за шампиоантот. Јас бев најдобар стрелец во осумте квалификациски групи со 10 постигнати гола. Но, политиката се мешаше и за прв пат во историјата на фудбалот една земја беше исклучена од голем настан токму поради политиката“, додава популарната „Кобра“.

Голгетерот со 27 настапи и 17 погодоци за СФРЈ, а потоа со шест меча и еден гол за Македонија (во победата од 4:1 на дебито со Словенија во Крањ 1993, кога асистираше и за историскиот прв гол на Зоран Бошкоски), објасни и зошто сè уште сме без настап на големо натпреварување.

„Најголем проблем е што македонското првенство е навистина слабо, едно од најслабите дури и во регионот. Поради ова, потешко е да се има силни настапи на европската сцена. И затоа секогаш треба да чекаме нашите играчи кои играат во странство да го подигнат општото ниво“, цени Панчев.

Златната копачка на Европа со 34 гола во сезоната 1990/91 со Црвена звезда и со 18 години најмлад голгетер на национална лига со Вардар во 1983/84, кога постигна 19 гола, за грешка на кариерата го смета трансферот во Интер во 1992 година, а вели дека го барале Реал Мадрид, Барселона, Манчестер јунајтед…