Грција сака да ги тргне Нимиц, ЕУ, САД и Германија од преговорите за името

Грчката страна смета дека за неа е подобро во спорот за името да не се мешаат ниту САД ниту ЕУ особено не Германија затоа што тие на Македонија и даваат лажна слика дека Атина може да попушти.



Затоа за време на средбата во Август кога Коѕиас ќе пристигне во Скопје или Охрид, ќе се инсистира на билатерални разговори дури и за намалување на улогата на медијаторот Метју Нимиц, за кој извори во Атина велат дека веќе има само советодавна улога во спорот кој ќе мора да се реши во финални Тет – а – тет преговори меѓу Грција и Македонија.

Потврда за оваа информација вчера дојде и до шефот на дипломатијата Коѕиас кој за грчките медиуми изјавил: „ Ќе работиме за ова решение и се надевам дека ќе добиеме одговор и ќе се избегне мешањето на трети страни кои ќе го отежнат пристапот кон ова решение“.

За оваа стратегија грчката влада и експертите кои што ја советуваат се очекува да разговараат на Националниот совет за надворешна политика за кој се подготуваат низа тези и планови. На советот сите релевантни грчки претставници и служби треба да реферираат за притисоците од САД и ЕУ во врска со името и да дадат предлози како да се постави Грција.

Како што објави Expres.mk вчера Грција пред да започнат преговорите ќе бара конкретни чекори од Скопје.

Во прв ред се очекува уривање или почеток на процедура за уривање на спомениците на Александар Велики и неговиот Татко Филип Втори а уште побрзо се очекува иницијатива на новата влада за промена на името на аеродромот Александар Велики во Скопје.