Пристигнаа 12 машини за асистирано дишење – респиратори, како и пет илјади заштитни маски „N95“, кои се дел од проектираната помош на Европската Унија од четири милиони евра за итни медицински потреби на Македонија.
Набавката е реализирана преку агенцијата на обединетите нации УНОПС, во соработка со Секретаријатот за европски прашања, како надлежна институција за координација на странската помош во земјава, информира Секретаријатот за европски прашања.
„Овие 12 машини ќе го зајакнат капацитетот на здравствениот систем за справување со епидемијата и соодветно третирање на пациентите, што е еден од главните предизвици во справувањето со епидемијата. Во овие сложени околности и отежнати услови за набавка на овие респираторни машини, набавката и доставата на овие машини претставува огромен успех“ – порача вицепремиерот Бујар Османи, упатувајќи посебна благодарност до претставниците на ЕУ во земјата, како и до администрацијата задолжена за реализација на набавката.






