Арсовска: Глобалната пандемија бара глобален одговор

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, информираше дека во соработка со Џон Дентон, генералниот секретар на Интернационалната стопанска комора, заеднички го отпочнаа проектот за глобално истражување со Светската здравствена организација СЗО, за предизвиците од ковид-19 со кои се соочува приватниот сектор.



„Во координиран напор за справување со ковид-19, соработуваме на глобален проект со Интернационалната стопанска комора и Светската здравствена организација. Целта е да се развијат решенија за намалување на последиците од глобалната пандемија, да се развие сеопфатен одбранбен систем од повеќе аспекти за тоа како да се справи општеството на здравствен и на економски план со оваа состојба, но и со идни слични предизвици. До овој момент заедно со нас, се вклучија 94 држави, со најактивен придонес во истражувањето од САД, Канада, Мексико, Австралија, Португалија, Италија, Ирска и Шведска.

Ќе се заложиме активно македонските, но и компаниите од регионот да дадат свој придонес во реализација на овој проект, за да се добие реална слика за состојбата во приватниот сектор, со цел да се развијат потребните и вистинските насоки за справување со кризата“ – истакна Арсовска. (Плусинфо)