Дејвид Бизли, прв човек на Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP), предупреди дека бројот на луѓе кои гладуваат може да се зголеми двојно – од 135 милиони на повеќе од 250 милиони и повика на неопходна итна акција за да се избегне светска катастрофа.
Граѓаните на 10 држави кои се најпогодени од конфликти, економската криза и климатските промени се најзагрозени, велат од WFP.
Најранливи се Јемен, Демократска Република Конго, Авганистан, Венецуела, Етиопија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Нигерија и Хаити.
Говорејќи пред Советот за безбедност на ООН за време на видео конференцијата, Дејвид Бизли рече дека светот мора „да дејствува разумно и брзо“.
„Можеме да се соочиме со глад во рок од неколку месеци“, предупреди тој.
„Вистината е дека, времето не е на наша страна“, истакна Бизли. (БГНЕС/Би-би-си)




