Претседателот на Русија, Владимир Путин, упати видео-честитка за Велигден на сите православни христијани и на руските граѓани со пораката дека „тој што се чува себеси, и Бог го чува“, мислејќи на актуелната битка со коронавирусот.
„Искрено им го честитам на сите православни христијани воскреснувањето Христово“, рече тој во обраќањето, нагласувајќи дека годинава големиот празник се одбележува во услови на принудни ограничувања поради пандемијата, како и дека земјата е подготвена сама да го реши овој проблем.
„Целото наше општество е обединето пред заедничката закана. Имаме сè: здрава, силна економија, научен потенцијал и потребната материјална и високопрофесионална база во областа на здравството. Нема никакво сомневање дека достојно ќе поминеме низ искупенијата што ни се послани“, порача шефот на руската држава.
Годинашниот Велигден во Русија е одбележан како и во другите православни земји – без верници во храмовите поради ограничувањето на движењето заради спречување на ширењето на заразата.
Русија деновиве го трпи најсилниот удар од почетокот на епидемијата, со 6.060 новозаразени само денеска, со кои вкупниот број порасна на 42.853. Од нив досега починаа 361 лица, а само денеска 48.





