Францускиот министер за финансии, Бруно Ле Мер во изјава за виенскиот весник „Прес“ изјави дека ЕУ членките треба да ѝ помогнат на Италија да се справи со тешката економска криза поради коронавирусот и оцни дека оставањето на Италија на цедило би значело крај на Европа.
Франција смета дека постоењето на ЕУ е загрозено поради неединствениот став околу помошта за справувањето со коронавирусот.
„Ние не сакаме да исчезне европскиот проект. Не сакаме да експлодира еврозоната“, рече Ле Мер.
„Дали навистина е во интерес на Холандија и другите Италија да падне во огромна депресија во наредните години? Не мислам така. Не велам да платиме за другите. Тоа не е француски став. Веќе се соочуваме со огромна криза, станува збор за иднината на Европа и сите земји се изложени на ризик, дури и оние со стабилни финансии“, истакна Ле Мер, како што пренесува „Макфакс“.




