Европската ракометна федерација (ЕХФ) реши уште еднаш да го помести завршниот турнир во Лигата на шампионите, овојпат за 28 и 29 декември во Келн, што значи дека Вардар, макар и само формално, ќе ја носи титулата европски првак најмалку до крајот на годинава.



Поради коронакризата, ЕХФ првично го одложи фајналфорот од 30 и 31 мај за 22 и 23 август, но денеска падна одлука за ново поместување, а на 24 април Извршниот комитет ќе реши како ќе се квалификуваат четирите учесници.

„Во секој случај, тоа ќе биде одлука заснована на спортските резултати постигнати во рундите што се веќе завршени“, појасни генералниот секретар Михаел Видерер, што е неповолно за „црвено-црните“, бидејќи до прекинот на сезоната тие завршија шести во групата А, а тоа им донесе осминафинале со Пик Сегед.

Во меѓувреме, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) реши во тековната сезона 2019/2020 да нема национален шампион во ниту една од возрасните категории во машка и во женска конкуренција.