На до сега одржаните седници на Апелацискиот суд нема промени на одлуките на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 кој одзеде неколку пасоши и не одреди ниту еден притвор по предметите што ги поднесе Специјалното јавно обвинителство. Станува збор за пет случаи за кои беа поднесени жалби од СЈО, но и од страна на обвинети во случаите што ги отвори ова обвиниелство, а за кои кон крајот на минатиот месец поднесе обвиненија.
СЈО бараше притвори за вкупно 18 обвинети, меѓу кои и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, но кривичните совети на Основниот суд Скопје 1 ги одбија сите предлози и наместо притвор им одредија мерки на претпазливост.
До овој миг е јасно дека Владимир Пешевски останува без пасош и ќе мора еднаш неделно да се јавува во судот, а таквата мерка останува и за новинарите Драган Павловиќ и Ивона Талевска.




