Синоќешните протести во Ченто, откако полицијата приведе три лица поради прекршување на забраната за движење, завршија кога градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, ветил, а потоа лично се ангажирал, да се ослободат приведените од полициската станица во Автокоманда.
Казната за непочитување на полицискиот час, барфем спортед секојдневните извештаи во медиумите е 2.000 евра.
Георгиевски на Фејсбук објасни зошто отишол да ги смирува насобраните жители.
,,Точно е дека вечерва(синоќа) во населеното место Синѓелиќ дојде до нарушување на полицискиот час од поголема група на граѓани. Јас како градоначалник самоиницијативно излегов на лице место откако дознав дека нешто се случува, што е и моја обврска, со една единствена цел, да ја смирам состојбата и да се врати сѐ во нормала, без никакви дополнителни инциденти. Особено сега кога земјава и целиот свет се соочуваме со справување со коронавирус.
За да не се шират дезинформации, ве известувам дека три лица од страна на полицијата се однесени на информативен разговор во ПС Гази Баба. Исто така не е точно дека лицата биле физички нападнати од страна на полицијата, поради што и се собрала групата.
Како градоначалник излегов сам меѓу револтираните граѓани за смирување на состојбата. Тоа е моја должност и обврска. Откако се објаснивме жителите се разотидоа во своите домови.
Затоа апелирам до сите да не се шират непроверени или половични информации, кои можат да влијаат во нарушување на јавниот ред и мир или да внесат паника или бес кај граѓаните“, напиша градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.
На социјалните мрежи и по порталите, беа споделени повеќе снимки од протестот но и оваа каде Георгиевски ветува дека ќе ги донесе приведените ,,деца“.






