Нема одговор од надлежните што се случува деновиве во Старата чаршија откако граѓани на социјалните мрежи споделуваат фотографии на кои се гледа дека ја нема калдрмата, но и прашања зошто тоа се прави токму сега кога се во сила рестриктивни мерки за движење и повеќедневен полициски час.



Надлежни за старата скопска чаршија се општините Центар и Чаир, како и град Скопје, но надлежности има и министерството за култура.

За каква било реконструкција во старата скопска чаршија, мора да има дозвола од Национална установа – конзерваторски центар, кој е под министеството за култура. Но, законот забранува градежни активности во чарпијата, особено од ваков обем.

Експертите кои ги косултираше Вечер.мк, велат дека каква и реконструкција да се прави, калдрмата не може и не смее да се вади. Исто како што не смее да се наруши автентичноста на објектите при нивно реконструирање, односно не смее да бидат урнати па повторно изградени. Тоа е изрично наведено во законот за заштита на Старата скопска чаршија.

Заштитата на Старата скопска чаршија ги опфаќа сите заштитни мерки и програми коишто се спроведуваат за одржување, заштита и ревитализација на нејзиниот простор и објектите коишто се наоѓаат или се наоѓале во нејзините историски граници. На територијата на чаршијата се сместени 25 објекти со статус на заштитено културно добро како споменици на културата, чијшто статус бил доделен во периодот од 1950 до 1967 година. Со донесувањето на Законот за Старата скопска чаршија од 2008 година и самата Стара скопска чаршија била прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата.

Откако се споделија сликите на фејсбук, официјална информација од надлежните институции нема, еднинствено, пред неколку денови на профилот на општина Чаир е објавена информација дека во моментов се спроведува проект за ревитализација на чаршијата.

„Проектот за ревитализација на Старата Скопска Чаршија се реализира според утврдената динамика. Калдрмите и витрините на дуќаните на занаетчиите се автентични културни карактеристики на нашето гнездо на културата – Старатa Скопска Чаршија за чие одржување Општина Чаир се грижи преку проектот за ревитализација и зачувување на нејзината инфраструктурна автентичност. Така денес Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу заедно со поранешниот градоначалник на Општина Чаир г-дин Изет Меџити, координаторите на проектот Џавит Гаши и Седат Кубур извршија непосреден надзор над работниот процес. Еден дел од калдрмата и витрините се веќе поставени и со големо посветеност се продолжува низ другите делови на Чаршијата. Им се заблагодаривме на работната екипа за коректноста и докажаната професионалност во текот на реализацијата на работниот процес“, стои во објавата на општина Чаир на Фејсбук.