Граѓаните наредниот викенд кога се паѓа и најголемиот христијански празник Велигден нема да може да ги напуштат домовите од петок попладне до вторник наутро, одлучи Владата.
Ова ќе биде за 24 часа подолг викенд од минатиот кога имаше целосна забрана за движење во траење од 61 час.
Православните верници, Велигден оваа година ќе го дочекаат со долг полициски час кој започнува во петок во 16 часот.
Ваквата мерка, според Владата се презема во обид да се спречи ширењето на коронавирусот.
Премиерот Оливер Спасовски на својот профил на Фејсбук ја објави владината одлука, наведувајќи дека останува активна забраната за движење за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.






