Институтот за економски истражувања при Бугарската академија на науките (БАН) изработи три сценарија за макроекономските последици во земјата поради епидемијата од коронавирус.
Првото сценарио претпоставува дека пикот на епидемијата во Бугарија ќе биде кон средината на мај и да нема втор бран на заболувања. Во таков случај, мерките постепено се укинуваат и во текот на втората половина од годината економијата функционира нормално. Веројатноста е дека тоа ќе се оствари на 20%, со пад на БДП од 2,4% и мало зголемување на инфлацијата во однос на 2019 година.
Второто сценарио предвидува епидемијата врвот да го достигне кон крајот на јуни – средината на јули со постепено укинување на мерките и евентуално повторно воведување на некои ограничувања. Веројатноста да се случи тоа е 60%. Економистите предвидуваат пад на БДП од 4,3% и забрзување на инфлацијата на 4,2% на годишна основа.
Третото сценарио предвидува врв наепидемијата да се случi кон средината на август со периодично затегнување и олабавување на мерките. Веројатноста дека ќе се оствари е 20 проценти, а реалниот пад на БДП ќе биде 5,7%. Инфлацијата ќе се зголеми на 5,2% на годишно ниво и причините ќе бидат проблемите со снабдувањето на некои увезени основни производи.
Според прогнозите ќе дојде до значително намалување на обемот на надворешно-трговската размена и губење на повеќе од 2 милијарди евра, главно заради неуспешната летна туристичка сезона.
Научниците велат дека ќе бидат потребни помеѓу 6 и 12 месеци за трајно справување со епидемијата, а овој период може да се скрати само доколку се најде лек, а за вакцина треба да се чека најмалку една година. (БГНЕС)






