Министерството за надворешни работи на Русија излезе со официјално соопштение во кое не само што не го поздравува влезот на Македонија во НАТО, туку и смета дека тоа ќе создаде нови линии на поделба во време кога на светот му треба единство во борбата со коронавирусот.
„Очигледно е дека пристапувањето на Скопје во Алијансата не носи никаква додадена вредност ниту на европската, ниту на регионалната, ниту на национална безбедност. Овој чекор сигурно нема да придонесе во заедничкиот напор за борба против заедничките закани и предизвици, вклучувајќи ја пандемијата на коронавирус. Тој ќе создаде само нови линии на поделба“, оценува руското МНР.
Обидите „да се направи овој настан помпезен и резонантен“ се покажаа неуспешни поради влошената состојба предизвикана од пандемијата на коронавирус, се заклучува во соопштението. Незабележан, според МНР на Русија, останал и фактот дека влезот на Македонија во алијансата „речиси се совпадна со датумот на почетокот на бомбардирањата од НАТО на поранешна Југославија“.
„Среде вонредната состојба прогласена во земјата, лидерите на Северна Македонија, сепак, не ја пропуштија можноста помпезно да му припишат историски карактер на зачленувањето во НАТО, кое, наводно, ја гарантира стабилноста и безбедноста на Скопје. Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, дури и го нарече членството во организацијата ‘завет на татковците и на дедовците’“, забележува министерството што го води Сергеј Лавров.
„Интеграцијата на Северна Македонија во НАТО – самопрогласената ‘алијанса на демократиите’ – од моментот на склучувањето на Договорот од Преспа со Грција во јуни 2018 година е придружена со мноштво процедурални и законски прекршувања. Напомнуваме дека, во согласност со националното законодавство, излезноста на референдумот за пристапување во Европската унија и во НАТО на 30 септември 2018 година не беше доволна за тој да се признае за валиден. На јавноста ѝ станаа достапни случаи со разни видови мешање во внатрешните работи на земјата, вклучувајќи уцени и заплашувања. Сето тоа помина незабележано од нашите западни партнери, кои обично со голема чувствителност ја набљудуваат усогласеноста со законодавните процедури“, се вели понатаму во соопштението.
МНР на Русија не гледа ниту некаква економска корист од зачленувањето во НАТО.
„До денес нема ниту една јасна оправданост за потребата Северна Македонија да влезе во НАТО. На локалното население му се ветува економски раст, зголемување на привлечноста за инвестирање, зајакнување на владеењето на правото. Но, за такво нешто е совршено непотребно да се приклучите на воено-политички блок. Напротив, од Скопје веќе сега се бара зголемување на трошоците за одбрана и за набавка на западни – првенствено американски – оружја и опрема. Ова е цената што македонскиот народ ќе треба да ја плати за откажувањето од суверенитетот во воено-политичка смисла и не само во неа“, објаснуваат од Москва.
„Во однос на ветеното зголемување на нивото на безбедност, Алијансата не само што е далеку од можноста секогаш да им обезбеди сигурна заштита на своите членки, туку не може дури ни да ги запре долгогодишните спорови меѓу нив – таму ги научија вешто да ‘заметат под тепихот’“, велат од руското МНР.
Оттаму уште додаваат дека од Македонија очекуваат потврда, во согласност со утврдената постапка, за преземање на обврските на Северноатлантската алијанса според документите потпишани со Русија, особено Основачкиот акт од 1997 година и Римската декларација од 2002 година.





