Народната банка уверува дека девизниот курс е стабилен и нема промени во неговото ниво, откако во Јавност се појавија прашања поврзани со трендовите на девизни курсевите на онлајн-платформи кои го мерат соодносот меѓу различни валути.
Од Народна банка укажуваат дека вредноста на денарот треба да се следи официјално од нејзината страница а не преку овие онлајн-платформи.
„Единствен релевантен извор на информации според кој што населението и фирмите може да го следат девизниот курс на домашната валута е курсната листа што ние како централна банка ја објавуваме на нашата веб-страница. Таа ги отсликува цените на валутите од реалните тргувања на домашниот девизен пазар. На курсната листа која што е во важност и во моментов, средниот курс на еврото во денари изнесува 61,69 денари“, се вели во соопштението.
Од Народна банка апелираат на совесно и одговорно информирање и проверка на вистинитоста на изворите на информации, бидејќи според банката, секое произволно толкување на информациите во врска со домашната валута може да креира негативни ефекти за нашата економија.
„Апелираме онлајн-платформите да не се користат како релевантен извор на информации и нивното прикажување на виртуелни пресметковни курсеви да не се смета за релевантен податок. Овие платформи не ја прикажуваат вредноста по која странските валути се купуваат на домашниот пазар, односно кај банките и менувачниците. Девизниот курс на денарот е стабилен и нема промени во неговото ниво. Во повеќе наврати истакнавме дека располагаме со низа инструменти со коишто гарантираме дека девизниот курс на денарот во однос на еврото ќе остане стабилен. Потсетуваме дека девизните резерви коишто се клучни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута се на високо ниво, и тоа двојно повисоко од пред глобалната економска криза во 2008 година“, велат од Народна банка.





