Стоп за изјави и шпекулации што можат да доведат до инфлаторна спирала – пишува Др. Кирил Миновски

Според податоците од Буџетот на Македонија за 2020 година на приходната страна, планирани се приходи во износ од 222,308 милјарди денари и вкупни расходи во износ од 239,693 милјарди денари.



На ставката во буџетот наменета за плати и надоместоци отпаѓаат 30,615 милјарди денари или 12,77% од вкупно проектираните расходи.

Се наметнува прашањето како се проблематизира исплатата на овие 12,77 % од вкупно проектираните буџетските расходи, во услови кога само до пред две недели имавме изјави дека буџетот е ликвиден и дека наплатата на приходите во државниот буџет е на задоволително ниво, а дека економијата ни е во одлична кондиција и спремна да се справи со секакви предизвици?

За само две недели повеќето сегашни и поранешни владини функционери ги променија претходно дадените изјави и почнаа да ја доведуваат во прашање исплатата на платите на државната администрацијата, а дополнително се лицитираше со бројки за износот на потребното задолжување на државата секојдневно зголемувајќи го износот за по една милјарда евра (се почна со 1,3 милјарди евра се заврши со 3 милјарди евра), без при тоа да се сподели со јавноста некаква конзистентна анализа или параметри за тоа на што се засновуваат овие тврдења.

Доколку се пристапи на кратење на сите непродуктивни трошоци на расходната страна, од типот на репрезентации, договорни услуги, непотребни јавни набавки, со исклучок на оние расходи кои што се неопходни за заштита за животниот стандард на населението (плати), за извршување на основните функции на државата, дополнителни средства за приоритетните области во услови на кризата (здравство, безбедност, одбрана), заедно со внимателно избрани мерки за поттикнување на економската активност на приватниот сектор, како и со рационално задолжување, можно е да се зачувува животниот стандардот на населението, работните места и економијата.

Исто така би сакал да потенцирам дека ваквите изјави создаваат дополнителна несигурност кај граѓаните и компаниите во економијата и во финансискиот систем, што во комбинација со дезинформации и шпекулации може да доведе до повлекување на депозити од банките, конвертирање на денарите во девизи и притисок врз курсот на денарот, а неговата евентуална девалвација би довела до покренување на инфлаторната спирала што на никого во земјава нема да му користи и да му донесе ништо добро, а најмалку на граѓаните.

Од тие прични во овие услови неопходно е да се однесуваме одговорно и да не шириме дефетизам и паника кои што може да не доведат до непосакувани сценарија.

Во минатото како држава се имаме соочувано и справувано со повеќе шпекулативни напади врз курсот на денарот, како и обиди за нарушување на финансиската и економската стабилност на државата, за што економијата и граѓаните платија одредена цена, но не и оние кои што ги ширеа дезинформациите.

Со ангажираност, посветеност, компетентност и солидарност, сигурен сум дека можеме да се справивме со последиците од здравствената и економската криза, што секако нема да биде лесно и да се случи во краток временски период.

д-р Кирил Миноски
Поранешен министер за финансии во македонската влада