„ЕУ ја отвори вратата за Северна Македонија и Албанија“; „Северна Македонија: Задоволство за зеленото светло од ЕУ за пристапни преговори“; „Зелено светло за пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија“; „Првото „да“ за пристапни преговори за Северна Македонија и Албанија“; „ЕУ: Се отвори патот за Северна Македонија и Албанија“; „Северна Македонија и Албанија почнуваат преговори со ЕУ“; „Да од министрите за надворешни работи за пристапни преговори со Северна Македонија“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми за вчерашната одлука за почеток на пристапни преговори за Скопје и Тирана, јави дописничката на МИА од Атина.
„Конечниот „печат“ се очекува да го стават лидерите за време на Самитот што преку интернет ќе се одржи во четврток, поради коронавирусот. По блокадата на францускиот претседател Емануел Макрон, Европската комисијата го смени пристапниот процес, применувајќи еден попрецизен систем на оценување на земјите во процесот на пристапување. Нешто што на крај ја убеди Франција, пишува весникот „Етнос“.




