Македонската активистка од Италија, Илона Захариева, за expres.mk ја пренесува состојбата со коронавирусот во делот од земјата со голема концентрација на Македонци.
„Засега, сè е в ред кај нас. Во Канели, град со околу 10.500 жители, од кои илјада Македонци, има двајца инфицирани и деветмина под контрола. Со оглед на почитувањето на приватноста, не го знаеме нивниот идентитет, но веројатно не се наши, бидејќи ќе дознаевме ако беа. Ме радува што повеќето се придржуваат кон упатствата, ги гледам со маски и ракавици наоколу, а кај некои неодговорни од нашите, искрено, реагирам. Инаку, почнаа да ми се јавуваат луѓе заглавени овде, родители, некои што дошле за кратко. Не знам што со нив. Засега немаме посериозно финансиски загрозени. Одиме на работа, ги почитуваме препораките за заштита, но има најави за можно тотално затворање“, вели претседателката на македонското здружение „Камен Мост“.
„Градоначалникот секоја вечер со телефонско јавување нè известува за состојбата. Општината ги има сите телефонски броеви и се пренесува автоматска порака“, додава таа.
„За разлика од овде, наоколу е страшно. Болниците се полни, има многу мртви, војската ги носи на кремирање. Ужас! И не умираат само стари – вчера од коронавирус почина момче од 23 години. Тука згрешија што оставија на совеста на луѓето и сега ги трпат последиците. Македонија мора да извлече поука и не смее да ги повтори грешките на Италија. Чувајте се!“, порачува Илона Захариева од Канели.





