Со исклучок на супермаркетите, аптеките, бензинските пумпи, банките, пекарите, продавниците за миленичиња, месарниците, трафиките, доставата на храна, сервисите за поправка на автомобили, сите други останати продавници во Грција од денеска ставаат клуч на врата и влегуваат на листата превентивни мерки на грчката Влада за да се спречи ширењето на коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.



Владата воведе и забрана за влез во земјата за државјани на трети земји, односно на земји што не се членки на Европската унија, што од шест часот утрово, стапи во сила.

Во Грција вчера беше регистрирана петата жртва од Ковид-19, а вкупниот број на заразени со коронавирусот се зголеми на 387.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, им се обрати на граѓаните, велејќи дека земјата е „во војна со невидлив, но не и непобедлив непријател“.

„Во следните два месеци опасноста ќе добие гигантски димензии. Затоа и ќе следат нови ограничувања. И ќе треба сите да покажеме дисциплина. Оние кои се однесуваат несоцијално, парадигматски, ќе се казнуваат. Зошто ќе имаат сторено двојно кривично дело: Против законот и против животот. Истото важи и за оние кои го шират вирусот на дезинформациите со неосновани гласини. Бидејќи паниката е исто толку опасна како и болеста“, порача Мицотакис.