И покрај најавата дека во касарната во Пепелиште во Криволак ќе бидат сместени 200 македонски граѓани кои организирано од граничниот премин Деве Баир влегле во земјата, медиуми јавуваат дека таму е сместена само музичка група од девет члена.



Ова за ТВ 24 синоќа го изјавија членови на музичка група од Битола откако од Деве Баир биле донесени во изолација, карантин во касарната во Пепелиште.

„Сакаме домашен карантин. Ништо друго. Само ние деветмина завршивме во касарната во Пепелиште. Кај се другите? – прашуваат Битолчаните во видео материјалот што сами го снимија велат дека условите во објектот биле катастрофални.

На социјалните мрежи синоќа беа објавени многубројни коментари во кои се вели дека станува збор за класична дискриминација на граѓани од ромска националност и се тврди дека сите други завршиле во своите домови, наспроти ветувањата дека објектот во Пепелиште е подготвен за прием на сите што ќе доаѓаат од странство.