Уште петмина со коронавирус, Македонија ги затвора границите

Петмина нови заразени со коронавирус, а двајца имаат позитивен тест, но од клиниката „Жан Митрев“, па утре ќе им биде повторен во Институтот за јавно здравство, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче.



„Позитивни се четири лица од Дебар и една 54-годишна пациентка од Скопје, која беше прегледана на Инфективната клиника и која се вратила од Холандија ноќта меѓу 12 и 13 март. Развила симптоми еден ден претходно и денеска се јавила на преглед на Клиниката. Најдени се сите контакти од семејството, таа била во домашна самоизолација, контактирани се членовите на фамилијата, возачот на таксито кој ја возел од аеродром до дома, а во овој момент се контактираат 31 лице кои се вратиле со авионот кој пристигнал од Виена. Таа е со лесна клиничка слика и веќе е хоспитализирана. Со ова бројката на хоспитализирани на Клиниката е 14“, изјави Филипче.

Најновиот развој иницира одлука на Владата за затворање на сите гранични премини и на Меѓународниот аеродром Скопје за премин на странски државјани, патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила за претставниците на димпломатскиот кор во државава, како и за други лица за кои МВР ќе даде дозвола по претходно мислење од Главниот координативен кризен штаб, кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес.