Вучиќ ѝ се налути на ЕУ: Европската солидарност е бајка на хартија, се надеваме на Кина

Осврнувајќи се на одлуката на Брисел да забрани извоз на медицинска опрема вон Европска унија, српскиот претседател Александар Вучиќ заклучи дека во овој момент не постои меѓународна, ниту европска солидарност, нарекувајќи ја бајка на хартија.



„Нема сега да донесувам политички заклучоци, туку кога ќе помине сè, но сфативме дека не постои голема меѓународна, ниту европска солидарност, и оти тоа била бајка на хартија. Од денеска не можеме да увезуваме стока, ниту медицинска опрема од земјите на ЕУ и тоа само што го објави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија“, изјави Вучиќ, кој денеска упатил писмо до кинескиот колега Си Џинпинг.

„Многу очекуваме и најмногу надежи полагаме во Кина, која единствена може да ни помогне во оваа ситуација. Баравме сè од Кина, дури и да ни прати лекари“, додаде шефот на српската држава.

Вучиќ денеска прогласи вонредна состојба на целата територија на Србија поради ширењето на коронавирусот во земјата, во која се регистрирани 48 случаи.