Македонските иселеници во последен момент го натфрлија потребниот цензус и се изборија за сопствено учество и на изборите на 12 април, но за да добијат пратеник ќе им треба вистинско чудо.
До истекот на рокот (11 март на полноќ) за гласање во македонските дипломатско-конзуларни претставништва се пријавија 7.508 иселеници, речиси илјада повеќе од долниот праг од 6.540.
Токму тие 6.540 се и минимумот гласови што треба да ги добие еден од кандидатите во седмата изборна единица за да стане пратеник, што теоретски е можно, но во пракса тешко остварливо. Една од причините е што бројката од 7.508 пријавени не е конечна, бидејќи Државната изборна комисија нема обработено 2.067 пријави, меѓу кои може да има и одбиени. Така што, бројот на избирачи меѓу иселениците што ќе имаат право да гласаат на 12 април најверојатно ќе биде помал од вкупно пријавените 7.508.
Покрај тоа, едно е пријавувањето (електронско), а сосем друго колку од пријавените навистина ќе се појават на гласачките места во македонските амбасади и конзулати низ светот.
Најмногу пријавени за гласање има во Германија – 1.264, следуваат Австралија со 1.081, па САД со 896, Италија со 837, Швајцарија со 731, Канада со 484, Словенија со 404 итн.




