Сменетата техничка министерка за труд и социјална политика поради користењето на името Република Македонија, Рашела Мизрахи, се обрати на социјалните мрежи на денот на депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка.
„Изминаа 77 години од уништувањето на македонската еврејска заедница. Од формирањето на првата еврејска заедница во Македонија во 3. век пред новата ера и подоцна по прогонот на Евреите од Шпанија во 1492 година, македонските Евреи воспоставија специфична врска со луѓето од Македонија и станаа дел од македонската нација.
Низ вековите Евреите и Македонците ја делеа истата судбина и храбро се бореа за слободата на Македонија. Ова е јасно покажано во периодот кога македонското национално движење херојски се бореше за ослободување на својата татковина. Во текот на Втората светска војна, кога темниот облак на депортацијата и смртта натежна над еврејската популација, храбрите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци ѝ помогнаа да ги спасат своите соседи Евреи од ужасната судбина.
Кон крајот на 1942 година македонското ослободително движење испрати јавен повик до Евреите од Македонија да му се придружат. Навистина, тие кои им се придружија на фронтот беа спасени.
За жал, нацистичката екстерминација на Евреите од Европа остави само неколкумина преживеани да го сведочат ослободувањето на Македонија и обновувањето на еврејската заедница во Македонија.
На 11 март 1943 година нацистичките окупатори и нивните слуги ги собраа македонските Евреи и преку Монополот во Скопје ги испратија во Треблинка. Од нив никој не се врати. Од 7.200 членови на еврејската заедница во Република Македонија, одвај 600 го преживеаја холокаустот, преживеаја затоа што се бореа заедно со партизаните.
За жал, во текот на изминатата декада се соочуваме со срамен феномен. Сведочиме бројни обиди за негирање на холокаустот, кои се длабоко повразни со последниот пораст на антисемитските настани во светот, посебно во Европа. Оваа расистичка тенденција ги враќа црните сеќавања за оние тешки денови кога Европа гореше, а нацистичката воена машина работеше без престан.
Слободниот свет не смее да дозволи тие сеќавања повторно да се разбудат. Тој мора веднаш да го сопре и да реагира против ваквото срамно ширење на антисемитизмот, како и да застане против сите видови омраза врз основа на религија, боја на кожата или раса.
Поради горенаведеното, би сакала да им се заблагодарам на граѓаните на Република Македонија кои покажаа како работите можат да бидат направени различно и со почитување. Вие ги обезбедивте сеќавањата за Евреите и за другите националности кои беа екстерминирани од нацистите за тие никогаш да не бидат заборавени!“, порача кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за пратеник на претстојните избори, која за месец и половина како министер и самата беше изложена на антисемитски напади.






