Поранешниот македонски министер за странски инвестиции Веле Самак влезе во вербален дуел на Твитер со Бугарката Велина Чакарова, шефица на Австрискиот институт за европска и безбедносна политика (АИЕС), за вината за депортацијата на Евреите од Македонија во Втората светска војна.



„За оние што не знаат: Бугарија спаси најголем дел од своите Евреи за време на Втората светска војна (48.000 луѓе) додека беше сојузник на нацистичка Германија“, твитна Чакарова, на што Самак ѝ реплицира: „И ги уби сите Евреи (над 10.000) во Македонија, собирајќи ги од секој град и испраќајќи ги со возови во концентрационите кампови. Само да ја комплетираме таа прекрасна историска слика за вас од бугарскиот и германски нацистички сојуз“.

Одговарајќи на оваа објава на Самак, Чакарова твитна: „Во ужасен чин за време на Втората светска војна, Бугарија не ги спаси животите на 11.343 Евреи депортирани од северна Грција и од територијата на модерна Република Северна Македонија, која тогаш беше под бугарска окупација, но, уште поважно, под де факто нацистичка германска власт“.

„Бугарските нацисти во Македонија активно учествуваа во собирањето и во испраќањето на Евреите во концентрационите логори. Повелете посетете го Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија и научете колку е погрешно вашето ‘неспасување’. Јас лично положив спомен-венец во ‘Јад Вашем’ во 2009 година“, ѝ реплицира Самак.