Далас Каубојс го нема освоено Супер Боулот од 1995. година наваму, но ја одбрани позицијата најскап спортски клуб во светот, објави Форбс во својата годишна листа, објавена денеска. Тимот од американската фудбалска, сопственост на Џери Џонс, е проценет на 4,2 милијарди американски долари, што е далеку пред безбол тимот на Њујорк Јенкис кој го зазема второто место со 3,7 милијарди.
Каубоите имаа најголеми приходи во 2015. година кога заработија 700 милиони американски долари, што беше 177 милиони повеќе од било кој друг тим. На трето место на листата е првиот фудбалски или сокер клуб, и првиот надвор од САД, а тоа е Манчестер Јунајтед, кој според Форбс вреди 3.69 милијарди долари. На четвртото место е Барселона со 3.64 милијарди, а Реал Мадрид е петти со 3.58 милијарди.

Во Tоп 10 според Форбс се уште Њу Ингланд Патриотс (американски фудбал, 3,4 милијарди долари), Њујорк Никс (кошарка, 3.3 милијарди), Њујорк Џајантс (американски фудбал, 3,1 милијарди), Сан Франциско 49 (американски фудбал, 3 милијарди) и Лос Анџелес Лејкерс (кошарка, 3 милијарди).





