Македонски активисти од дијаспората што активно лобираат кај иселениците да се пријават за гласање на изборите на 12 април укажуваат на проблеми со вебстраницата на Државната изборна комисија.
„Вебстраницата на ДИК е доста бавна денеска. Работеше добро вчера и претходните денови. Се надевам дека нема да наштети во регистрирањето на дијаспората за гласање“, вели Методија Колоски, претседател на Обединета македонска дијаспора (ОМД).
„Достигнавме бројка на пријавени од 5.060 и денес системот не работи, и тоа пред истекување на рокот за пријавување. Се исплашивте од способноста на иселеништвото да се самоорганизира?“, прашува Ана Дукоска, глобален координатор на непартиското движење „Ние сме Македонија“, додавајќи: „Нема кандидат = нема интерес за иселениците!“
Рокот за пријавување на македонските државјани што живеат и работат во странство за гласање на парламентарните избори на 12 април истекува на 11 март на полноќ. За да се одржат избори во дијаспората мора да се пријават најмалку 6.540 македонски иселеници, колку што освоил пратеникот со најмалку добиени гласови на последните парламентарни избори.
Ако го исполни законскиот минимум, дијаспората ќе гласа на 11 април.






