Поранешната пратеничка на СДСМ, Софија Куновска, ги коментира најавените тандеми на листите на владејачката партија за парламентарните избори на 12 април.
„Патолошките амбиции донесоа ‘тандеми’ во СДСМ, а ако се подзасили тепачката може и до ‘тројки’ и ‘квартети’ да стасаме.
Секоја сличност со ‘Квартет’, дело на Хајнер Милер, базирано на вонвременскиит роман од скандалозниот писател Пјер Шодерло Де Лакло, ‘Опасни врски’ ќе стане видлива релативно брзо.
Во романот се раскажува за перверзните игри на двајца благородници, кои на валкан начин се обложуваат да заведат млада девојка, да ја искористат и да ја отфрлат. Првичната одредба е дека романот раскажува приказна со морална поука, но според повеќемина, нагласокот е повеќе врз декаденцијата на француската аристократија кратко пред Француската револуција, фрлајќи светло врз перверзиите на стариот француски поредок“, коментира Куновска на Фејсбук.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за „тандемите“ изјави: „Во секоја изборна единица ќе има носителка жена на листата, односно ќе има двајца носители, ќе има по еден носител маж и една носителка жена на првите две места кои паралелно ќе го покриваат теренот“.





