Eвропската Комисија, во краткиот извештај објавен денеска, забележува напредок во реформите во Македонија и во Албанија и му препорачува на Европскиот Совет да одобри почеток на преговорите за членствово Унијата, пред загребскиот самит ЕУ-Западен Балкан во мај.
,,Двете земји продолжија да испорачуваат натамошни опипливи и одржливи резултати во клучните области идентификувани од Советот, посебно во областите на судството и владеењето на правото и поради тоа препораките на Комисијата за отворање на преговорите со Албанија и со с. Македонија остануваат валидни‘‘, изјави портпаролот на ЕК, Ана Писонеро.
Извештајот се фокусира главно на реформите во судството, обвинителството, судските процеси за висока корупција, реформите во разузнавачките и безбедносните служби, како и во јавната администрација. Во сите овие поглавја е оценето дека земјава остварила значаен напредок.
Меѓу успесите се набројани разрешувањето на шестмина судии, вклучително претседателот на Врховниот суд, и префрлањето на предметите од СЈО во редовното Јавно обвинителство. Нотиран е и успехот со двотретинското изгласување на Законот за ЈО.
Комисијата бара да се продолжил со проактивни истраги и пресуди за висока корупција. При тоа се забележува дека поради скандалот со Рекет и СЈО, одредени предмети застарија.
За Антикорупциската комисија се оценува дека работи проактивно без разлика на политичката припадност, иако не сите предмети од ова тело се проследени.
Комисија исто така потсетува дека од суштинска важност да се обезбеди професионалноста и независноста на јавната администрација.





