Најдобрата македонска кошаркарска репрезентација не го доигра мечот со Словачка кој требаше да биде вистински вовед во новата фаза од подготовките и почеток на подигањето на формата за претквалификациите за СП во кои, во август не очекуваат Косово и Естонија. Но, вториот контролен натпревар е прекинат во 25. минута кога по нервозата која ги зафатила сите во Братислава, а особено нашите играчи била донесена одлука за крај пред крајот. Ако има важност, а објективно нема, резултатот во тој миг бил 58-54 за нас.



Причина за ваквиот расплет, според нашиот табор е домашната судиската тројка која решила да им помогне на нивните играчи, но тоа судиите го правеле на неумесен и иритирачки начин што во круцијалниот момент предизвикало и техничка за Тасовски и исклучувачка за Костовски. Во Словачкиот тим, пак, гледаат поинаку, и велат дека ние сме се однесувале нецивилизирано.

“Никогаш не сум бил тренер што бара алиби, тоа нема да го правам ни сега, но арбитражата вчера беше катастрофална. Тоа создаде нервоза кај кошаркарите и на денешниот натпревар, откако повторно судиите не санкционираа силни удари врз нашите играчи, а на спротивната страна свиреа и кога немаше контакт. Нормално беше да се биде тензичен, но да се каже дека Македонците се однесувале нецивилизирано, тоа е далеку од самата вистина. Ние ги издржавме сите неправди, се со цел да не се фрла дамка, и покрај се имавме водство, за на крајот самите судии да решат да го прекинат мечот поради нашите протести по техничките грешки на Тасовски и на Костоски, кои следеа по брутален старт врз Тасовски што не беше санкциониран. Тврдам дека мечот можеше да се доигра без никаков проблем, но на судиите им беше полесно да го прекинат” рече по невообичаениот меч и уште поневообичаената завршница нашиот селектор Јорданчо Давитков.

По се, важно е дека Македонската кошаркарска сениорска репрезентација се уште нема вистински тест зошто вчерашниот беше затворен, а и се дојде по голема одисеја на патувањето за Словачка и што е пропуштена шанса за проверка. Од друга страна, спортски е да се посакува победа, па и во пријателска, што може и да радува околу амбициите на новите црвено жолти, колку ова да е црна дамка и случај на кој нема да се осврнуваме или ќе го споменуваме како нешто не многу спортски. И неважно е од чија страна.