Текстилната индустрија има перспектива само со млади стручни кадри


Недостиг на млад и стручен кадар , големото иселување на населението  ја прават особено тешка ситуацијата во текстилната индустрија во последните години оценуваат од Стопанската комора на Македонија.



Претседателот на Здружението на текстилната и кожарската индустрија, Ангел Димитров, смета дека и зголемувањето на платите не кореспондира со нивото на продуктивноста во оваа дејност.

„Со последното покачување на минималната плата, таа ќе изнесува 58% од просечната плата на ниво на државата, а 80% од просечната плата во текстилниот сектор“ вели Димитров.

„Друг проблем е и тоа што 93% оваа индустрија се базира на „ЛОН“-производство, се увезува готов материјалот, кај нас само се доработува, се шие и се пакува, а за тоа цената по единица производ е мала, што е голем проблем на овие компании за продолжат со работа, а секако конкуренција се азиските пазари“.

Димитров алармира дека бројот на вработени од година во година постепено се намалува: Од 43.848 вработени во 2007 година, последните години се движи околу 36-38 илјади вработени во оваа дејност, односно во 2018 година вработени се 6.027 во производство на текстил и 30.243 лица во производство на облека, што сепак претставува скоро 30 проценти на вработените во преработувачката индустрија.

Професор д-р Дарко Лазаров, смета дека е неминовно преструктурирање на производството во текстилната но и во кожарската индустрија, модернизација и автоматизација на целокупниот производствен процес, како и производство на производи со повисока додадена вредност.

„Со извезени производи во висина од околу 572,7 милиони САД долари и релативно учество во вкупниот извоз на ниво на државата од 8,6 %, текстилната индустрија претставува еден од столбовите на домашната економија со потенцијал за негов развој во наредниот период.

Оваа индустриска гранка има 252 извозно ориентирани компании и 182 производи имаат компаративна предност, а со оглед дека се работи за трудоинтензивни дејности, околу 85% од додадената вредност на производството отпаѓа на вредноста на трудот“- вели д-р Лазаров учесник во изработка на анализата на Стопанската комора на Македонија за идентификација на развојните можности за извозна диверзификација, со фокус на текстилната и кожарската индустрија.