„Прво што државата мора да го направи е да инвестира во образованието, без инвестиции во образованието, без зголемување на буџетот за високо образование, кој во просек изнесува 60 проценти од европскиот просек, значи ние сме речиси на половина по инвестициите во образованието кое го имаме во Европа“ вели претседателот на универзитетското Собрание на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, Борјан Ефтимов во неделното интервју за РСЕ.



Ефтимов констатира дека високото образование во Македонија се распаѓа.

„Инфраструктурата е катастрофална, нема квалитетни амфитеатри, нема квалитетни лаборатории, нема квалитетни читални, ако воопшто има читални, на некои факултети не ни има, лабораториите се од пред 50 години, наставните кадри секоја година се намалуваат и немаме обнова на истите, па така повеќето институти на УКИМ кубурат, имаат недостаток на наставни кадри.

Целата ситуација е катастрофална. Ја знам ситуацијата на Институтот за хемија на ПМФ, институтот по хемија е најгласен, треба цел УКИМ да се дигне и да каже јасно и гласно дека нема доволно финансии, дека нема доволно средства и можности да изгради универзитет по најсовремени стандарди и заедно студентите и професорите да бараат повеќе финансии за да не се наоѓаме во оваа ситуација кај што сме сега и да тргнеме напред“, вели Ефтимов за РСЕ.