(…)
Познато е, Вице, дека твојот бекграунд е бизнисот, како што и самиот потврдуваш. И дека не си политичар. Но, општо е познато и тоа дека во сиот овој период, а особено откако Зоран стана партиски лидер и потоа и премиер, ти и членови на твоето семејство одржувате чести контакти со луѓе од пошироката бизнис заедница, со министри и директори на јавни установи, со новинари, уредници и сопственици на медиуми и со многу други луѓе од јавниот живот. Тоа, секако, не е забрането, но вие морате да бидете свесни дека јавноста мора да биде стопроцентно убедена дека тие контакти не се некакво мешетарење, или, не дај боже, некакви активности што се косат со законот, туку дека бизнисмените ги охрабрувате да работат подобро, лекарите да лечат посовесно и да не ги полнат клиниките со партиски кадар, директорите на јавните установи да не потклекнуваат на клиентилистички притисоци и на корупција.
Јас сакам да верувам дека е така, Вице, пишува новинартот Бранко Героски по вчерашното писмено обраќање на Вице Заев, брат на донеодамнешниот премиер Зоран Заев.
Но, сигурно си свесен дека во еден дел од јавноста перцепцијата за твоите контакти со важните и моќни луѓе во оваа земја е сосема поинаква. Имено, негативна. Стратешката грешка е во тоа што Зоран, ти и членовите на твоето семејство сепак сте морале да предвидите дека ќе се соочите со една таква перцепција и да преземете превентивни мерки тоа да не се случи. Сигурно ќе прашаш – за какви мерки зборува Героски?
Па еве, ќе се обидам да објаснам на што мислам. На пример, не спорам дека семејството Заеви е инволвирано во легалниот бизнис на производство на канабис за медицински потреби на легален начин, но некој морал да сфати дека на премиерот едноставно не му доликува да биде поврзан со тој бизнис. (…)
Многу бизнис и политички моќници, како и други јавни личности, постојано се фалат за средбите со тебе. Јас познавам барем десеттина такви луѓе. Се прикажуваат и разни анегдоти. На некој начин, Вице, ти стана селебрити во овие последни години. Мислам дека многу порано требаше да одлучиш да ги редуцираш своите контакти на најнеопходните, на тие поврзани со твоите и со бизнис активностите на твоето семејство. Така најдобро ќе му помогнеше на брат ти Зоран.
Не му помагаш, Вице, со твоите оценки за неговите политички активности (нели велиш дека не си политичар), со твојата возбуда во која за „криминалците“ кои се уште не се осудени, велиш: „Ги чека затвор“. Долг е животот и не се знае кого што чека, вклучувајќи го и затворот што го спомнуваш. Затоа има една мудра мисла, која вели – како што судиш, така ќе ти биде судено.
Извадок од колумната на Бранко Героски за „Плусинфо“





