Десеткратниот македонски фудбалски првак и актуелен владетел во нашиот клубски шампионат денеска игра кај Малме во првата средба од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите. Вардар е гостин на Сведбанк арена од 19 часот, но е во улога на аутсајдер со оглед на реномето што шведскиот првак го има низ историјата, а особено во последните неколку сезони кога имаше и два настапа во групната фаза од натпреварот на најелитните.



Црвено црните се надеваат на добра претстава, на барем еден гол, на позитивен резултат и конечно, на шанса двобојот да го решаваат следниот вторник на стадионот Младост во Струмица.

“Знаеме дека Малме е силен тим кој има искуство од вакви натпревари во Лигата на шампионите, но од друга страна, верувам во квалитетот на моите момци и затоа очекувам добра игра и резултат. Можеме да го издржиме притисокот од трибините иако во македонското првенство немаме премногу средби пред полни трибини, но нашите играчи настапуваат за репрезентацијата со која играат пред повеќе публика” рече тренерот на Вардар Гоце Седлоски на прес-конференција во Шведска.

Швеѓаните можеби не се ултра квалитетен тим, сигурно не како во времето кога за Малме играа величини како Ларсон, Далин, Литманен, Ибрахимовиќ, но и сега тимот е моќен за што доказ е десеттата титула освоена со шест бода пред АИК и Норчепинг и 16 пред Гетеборг. Вардар мора да биде внимателен, но и не смее само да се брани, зошто таква определба, при неповолен развој на настаните потоа може да биде проблем кога екипата би се трансформирала принудно. Црвено црните немаат повредени во тимот што тргна за Скандинавија и ќе мора да се обидат да се надигруваат.

Вардар инаку нема победа во Европа од 2004. година кога последен пат беше победен Гент во средба од Интертото. Во меѓувреме црвено црните имаа и пропуштени години во Еврокуповите, а во поседните 4 во квалификациите не успеаја да победат ниту еднаш. Пред пет години не елиминира Бате Борисов (0-0 и 2-3), пред 4 подобра беше Стеауа (1-2 и 0-3), пред две години Апоел доби на гол на гости (1-1 и 0-0), а лани Динамо Загреб беше убедлив (1-2 и 2-3).

Вардар има едно европско гостување во Шведска, во 1996. година кога загуби од Халмштад со 1-0, а потоа беше и елиминиран од УЕФА купот по скопските 0-0.