19.600 вработени во државната администрација – во министерствата, судовите, обвинителствата, државното правобранителство, казнено-поправните, центрите за социјална работа, вработените во општините, во Град Скопје, јавните установи формирани од Владата и во другите органи основани од Собранието ќе добиваат К-15 согласно Гранскиот колективен договор што треба да биде потпишан денеска.



Во колективниот договор не влегуваат наставниците и професорите, лекарите и останатиот медицински персонал, вработените во полицијата и одбраната, а не влегуваат ни јавните претпријатија формирани од општините и од Град Скопје.

Со Колективниот договор прецизиран е износот на К-15 од минимум 9.000 денари што државните административци ќе го добијат до крајот на оваа година.

Предвидено е покривање на службени патувања: За патување во земјава до 12 часа дневницата е 350 денари, односно 700 над 12 часа. патување подолго од 12 часа, таа ќе изнесува 700 денари. Овие дневници се со цел да ги надоместат трошоците на работниците што одат на пат, а дополнително се покрива бензинот и сместувањето на вработениот.

Предвидено е отсуството за склучен брак, од 3 дена, да се зголеми на пет, за раѓање и посвојување деца ќе следуваат по три дена платено отсуство, а членовите на Синдикатот ќе имаат по еден дополнителен ден.

За ноќна смена, прекувремена работа и работа во недела, додатокот останува ист за секој одработен час.