Рускиот претседател Владимир Путин не доби покана да учествува во одбележувањето на 75 години од ослободувањето на нацистичкиот концентрациски логор Аушвиц-Биркенау, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.



Тој потсети дека Русија ќе ја претставува нивниот амбасадор во Полска, јави ТАСС.

27 јануари е прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите на холокаустот.

Помеѓу 18 и 27 јануари 1945, поради наближувањето на советските трупи, Ес-ес евакуирал околу 60.000 затвореници од Аушвиц во други концентрациони логори.

Црвената армија го ослободила логорот на 27 јануари 1945 г, и затекнале околу 7.000 затвореници.

Денешната комеморација ќе се одржи на територијата на поранешниот концентрациски логор, во кој нацистите убиле околу 1,3 милиони луѓе, меѓу кои и повеќе од еден милион Евреи.

На настанот ќе бидат присутни претставници од 54 земји од целиот свет.

Меморијалниот центар „Аушвиц“ соопшти дека не праќал покани, туку само ги информирал сите држави за настанот и ги повикал сами да изберат кој ќе ги претставува на комеморацијата.